Чупиќ: Некои гледаат ракомет само во јануари, па плукаат и навредуваат

Хрватската ракометна легенда, екс играчот на скопски Вардар, Иван Чупиќ искрено и отворено против оние кои упатуваа жестоки критики кон хрватските ракометари по убедливиот пораз од Египет на СП во Полска и Шведска. Хрватска доживеа дебакл на стартот на Мундијалот, загуби од Египет со 31-22.

Чупиќ не е на Светското првенство, но критиките што ракометарите на Хрватска ги добија го погоди Чупиќ, па напиша колумна за официјалниот сајт на Хрватската ракометна федерација.

„За жал кај нас има многу луѓе кои ракометот го гледаат само во јануари, а потоа на него забораваат во наредните 11 месеци, но си земаат за право да плукаат и навредуваат се по ред. Дел од нив го чека јануари само за да земат некоја куна во обложувалница и ако тоа не се случи, бидејќи тие емотивно се обложуваат на Хрватска, почнува лавина навреди и омаловажувања“, вели меѓудругото Чупиќ.

„А тие момци, мои пријатели, исто како и јас, не спиеја цела ноќ. Бев со нив на телефон до 3 часот наутро и знам како се чувствуваат. Луѓето не разбираат дека на нив им е најтешко. Ги поминаа последните три недели, по исклучително напорна сезона, одвоени од своите семејства во време на божиќните и новогодишните празници, крваво тренираат и не успеаја“ вели тој.