Член од обезбедувањето на спикерот Африм Гаши направил инцидент на аеродромот во Скопје

Денеска, околу 10 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“, член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши кој воедно е полициски службеник, направил инцидент со вработени во ТАВ Македонија, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Имено, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер.

Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кој е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнал да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој и направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.

„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“ – информираат од МВР.