Членови на ДУИ денеска во соопштение испратено до јавноста обвинуваат дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, како што велат, станало индивидуално.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети се бара внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикуваат лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство.
„Демократската унија за интеграција не е само политичка партија, ДУИ е вредност која 18 години ги чува и унапредува правата на Албанците, отворено семејство со внатрешни консултации, без индивидуални привилегии, со статутарни тела и со континуиран раст на изборното тело. Како таква, партијата дефинитивно треба да ја вратиме таму каде што припаѓа.
Во ДУИ веќе нема дебата и консултација со партиската база. Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Поради нефункционалноста на организираниот живот на ДУИ, констатираме дека има пад на поддршката за партијата (последните избори во Тетово). Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во писмото и се истакнува големиот револт на најзаслужните членови на партијата за нејзините досегашни победи.
Потписниците бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на оваа состојба и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт. Тие бараат претседателот на ДУИ, Али Ахмети, да ги искористи своите политички и статутарни овластувања и да најде решение за зачувување на партиското единство“ се вели во писмото.