Четири лица загинаа во судир на два воза во Чешка

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени кога патнички воз се судри со товарен воз во чешкиот град Пардубице.

„Најмалку 20 луѓе имаат лесни повреди, а тројца се посериозно повредени во несреќата која се случи синоќа по 23 часот во Пардубице, на главниот железнички коридор од Прага кон истокот на земјата“, изјави министерот за внатрешни работи Вит Ракушан.

Патничкиот воз патувал од Прага кон словачкиот град Кошице и во него имало повеќе од 300 патници. Снимките што ги објавија чешките сајтови покажуваат дека најмалку еден вагон излетал од шини.

„Товарниот воз превезувал калциум карбид, но првите два вагона биле празни, па нема истекување. Започнавме истрага за несреќата, па засега е рано да се шпекулира што е причината“, изјави министерот за транспорт Мартин Купка.