Четврти протест на српската опозиција пред Избирачката комисија

Протестот на опозицијата и граѓаните кои бараат повторување на изборите, четврти по ред, почна вечерва пред седиштето на Републичката изборна комисија во Белград. Блокирана е улицата Краљ Милан од Славија до улицата Кнез Милош.

Во зградата на РИК има претставници на листата „Србија против насилството“, меѓу кои и Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ, кои штрајкуваат со глад.

„Добивме одговор дека вечерва од 20 часот тројца наши претставници можат да извршат увид во избирачкиот список и да направат увид во избирачкиот список“, рече Алескиќ пред зградата на РИК.

Тој додаде дека сакаат да направат увид и во гласачките материјали кои пристигнале од избирачките места.

Алексиќ рече дека коалицијата НАДА, која ја сочинуваат Нова Демократска Партија на Србија и Движењето за обновување на Кралството Србија, го поддржува барањето за откажување на изборите, пред се на ниво на Белград, и ги поканува останатите од опозицијата да им се придружат.

Тепиќ изјави дека на нејзиниот штрајк со глад се приклучуваат уште две пратенички, Јелена Милошевиќ од Ниш и Данијела Грујиќ од Нови Сад.

„Во врска со тоа ќе се приклучат повеќе колеги во знак на поддршка и со јасна порака дека уште повеќе ќе ја зајакнеме нашата борба, додека не се поништат изборите“, рече Тепиќ.