Една обвинителка која веќе работи во ова обвинителство, ја повлече кандидатурата, па во трка остануваат актуелната шефица Вилма Русковска, обвинителот Ермон Незири кој во моментов му е заменик на Гаврил Бубевски во ОЈО Скопје, како и вишите обвинители од Гостивар, Деса Пауновска и Ислам Абази.
Од пет пријавени, на гласачкото ливче за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ќе се најдат четворица обвинители.
Кој ќе биде новиот шеф на ова обвинителство ќе се одлучува во понеделник (7 ноември) кога ќе има непосредно гласање од страна на сите обвинители во државата, што ќе се случи за првпат според новиот Закон за јавно обвинителство. Листата на кандидати беше утврдена денеска на седница на Советот на јавни обвинители и таа изгледа вака:
Ислам Абази;
Ермон Незири;
Деса Пауновска;
Вилма Русковска.
Утврдувањето на листата следува откако на 21 октомври заврши пријавување, по што се чекаа оценките за пријавените обвинители.