
Сиљановска-Давкова: Во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за рамноправна, модерна, европска и правна држава, членка на Европската Унија
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 34-годишнината од осамостојувањето на државата. Во неа, Сиљановска-Давкова потсетува дека сеуште се соочуваме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици и со отстапки и компромиси кои не се усогласени со референдумската одлука од 1991 година и со меѓународното и националното право.
– Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија. Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право. Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит, нагласува Сиљановска-Давкова.
Додава дека не се откажала и дека никогаш нема да се откаже од македонските национални интереси и дека мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив и дома и надвор, во европските и меѓународните институции, на правен, политички и демократски начин.
– Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на Копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми. Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги. Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина, порачува претседателката на државата.
Гаши: Да работиме заедно за посилна, поправедна и пообединета држава
Претседателот на Собранието Африм Гаши упати честитка до сите граѓани по повод 34-годишнината од осамостојувањето на државата. Во честиката Гаши повикува на обединување околу вредностите на сплотеност и посветеноста за исполнување на аспирациите на земјата.
– Денот на независноста е посебен момент, можност да се потсетиме на големите достигнувања на нашата држава и да не потсети дека независноста не е само подарок, туку завет наследен од минатото, обврска за сегашноста и водич за иднината. Овој завет не обврзува да изградиме силна, демократска и стабилна држава, каде што секој граѓанин без разликa ќе се чувствува еднаков и почитуван, вели Гаши во честитката.
Порачува дека е време секој да придонесе во зајакнување на мирот, стабилноста и соживотот и сите заедно да работиме за посилна, поправедна и пообединета држава.
– Само со сплотеност и заедничка посветеност можеме да ја реализираме визијата за посветла иднина на нашата држава и за идните генерации. Северна Македонија, 34 години по прогласувањето на независноста, е држава која напредуваше во многу аспекти и стекна почит на меѓународната сцена. Како стабилен сојузник на НАТО и како земја кандидат за членство во Европската Унија, ова е момент кој од нас бара да продолжиме со напорите за изградба на побезбедна и посветла иднина за идните генерации, вели Гаши.
Мицкоски: Независноста не е само потпис на хартија, таа е жртва, борба, љубов кон оваа света земја
8 Септември не е само датум и никако не е случајност, туку континуитет на жедта на еден од помалите народи во Европа и последица на многу битки на тој народ. Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор – изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца. Независноста не е само потпис и хартија – таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации. Да се обединиме, порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост по повод одбележувањето на 34-годишнината од осамостојувањето на државата.
Осврнувајќи се на изминатите 34 години независност, Мицкоски рече дека тој како премиер и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава
Најавувајќи неселективна правда, подобар животен стандард за граѓаните и борба да се зголеми наталитетот, Мицкоски се осврна и на едно, како што рече, големо потфрлање кое како држава го имаме речиси три и пол децении постоење на независна македонска држава, а тоа е чувството на разочараност од системот.
– Во ова мое обраќање не ви говорам за партиските пресметки на ВМРО и СДСМ, ниту пак целта ми е да гледам низ призмата на партиските битки, туку говорам за државничките позиции и анализи кои мора сите одговорни да ги имаат во своите политички анализи. Тоа незадоволство од системот е пред сè поради неправедното водење на политиката, на страшно мачната транзиција, на многу силен криминал кој ја разјаде секоја силна пора во ова наше општество, на неправдите кои ги гледаа, на фактот што многумина што ја водеа државата и одлучуваа за судбините на другите беа дел од криминалниот канцер кој ја разјадуваше државата и се смееја на лицето на правдата. И затоа е впечатокот дека богатите кои нечесно заработуваат, не лежат во затвор.
И ова мора да се смени, а правдата да не прави разлика кој од каде е, кој од која политичка страна доаѓа и кој колку пари има, туку дали го прекршил законот или не, дали сторил криминал или не. И оние кои мислат или се прикажуваат за заштитени од одговорност треба да знаат – сега или малку подоцна правдата ќе ги стигне, порача Мицкоски.
Нагласи дека од првиот ден кога ја презел одговорноста да ја води државата, не заборава на граѓаните и дека државата има иднина, но дека сите мора да придонесеме за неа.
– Јас не дојдов на оваа позиција за да направам богатство или име. Дојдов за да оставам трага за мојот народ и да создадеме заедно иднина за моите и сите наши деца. И од првиот ден кога ја имам одговорноста да ја водам државата, до ден денес не заборавам силно и отворено да го погледнам народот, да ги стиснам дланките кои даваат многу за државата. Тие изнамачени дланки се она што сме ние. Тие ја хранат Македонија и го носат товарот од кој сите ние мора да понесеме дел. И тука мора да се однесуваме несебично и да даваме. Нашата татковина има иднина, и сите ние мораме да придонесеме. И јасно да зборуваме за работите кои се закана за нашето општество, рече Мицкоски.