Чекаме 100.000 тони пченица од Србија
Владата во Србија денеска на седница треба да ја донесе одлуката за тргање на забраната за извоз на пченица во земјава. Според српските комори, земјава ќе увезе 100.000 тони лебно жито, иако поднесеното барање беше за 50.000 тони.
Министерот Љупчо Николовски утринаваконтактирал со српскиот колега Бранислав Недимовиќ, а премиерот Ковачевски разговарал со претседателот на Србија – Александар Вучиќ.
„Веднаш штом биде крената „рампата“, увозот може да почне. Очекувам дека одлуката ќе биде за околу 100 000 тони, односно да се реализираат сите склучени договори“ – подвлече Николовски.
Во врска со увозот на бугарска пченица што Николовски го најави од Берлин по средбата со бугарскиот министер за земјоделство Иван Иванов, дополнително, рече, ќе се договараат моделите и инструментите.
„Тргањето на забраната за пченицата, пченката, рафинаро и нерафинирано масло за јадење го потврдија сите чинители. Со српскиот министер за земјоделство цело утро комуницираме зашто одлуката е на дневен ред на денешната владина седница, а и нашиот премиер разговараше со претседателот Вучиќ. Забраната ќе биде тргната денеска и верувам дека веднаш ќе може да се реализираат сите договори на нашите компании со извозниците од Србија“ – истакна Николовски.
Тој информира дека следната недела ќе замине во Турција каде е планирано да разговара за дополнителни количини минерални ѓубрива кои ќе бидат потребни, нагласи, не за сега, туку за есенската сеидба.