Часовникот на најбогатиот патник на Титаник продаден за 1,2 милиони фунти
Златен џебен часовник кој му припаѓал на најбогатиот патник на Титаник, Џон Џејкоб Астор IV, е продаден на аукција за рекордни 1,2 милиони фунти.
Аукциската куќа Henry Aldridge & Sun во саботата продаде џебен часовник од 14 каратно злато „Волтам“ на приватен колекционер од САД за највисока цена досега понудена за предмет од Титаник, пишува Гардијан.
Претходно најплатен предмет од Титаник беше виолина свирена од музичари додека бродот потонувал која беше продадена за 1,1 милион фунти во истата аукциска куќа во 2013 година.
Часовник изгравиран со иницијалите JJA е пронајден со телото на Џон Џејкоб Астор IV, неколку дена откако Титаник потона.
Во тоа време беа пронајдени и дијамантски прстен, златни и дијамантски манжетни, 225 фунти во англиски банкноти и 2.440 американски долари.
-Астор е добро познат како најбогат патник на Титаник и се веруваше дека е меѓу најбогатите луѓе во светот во тоа време, со богатство од приближно 87 милиони долари, што е еквивалентно на неколку милијарди долари денес – наведе аукциската куќа. .
Астор бил на Титаник со сопругата Медлин. Бизнисменот, кој имал 40 години, се оженил со 18-годишната Медлин на 11 септември 1911 година и заминале на меден месец во Европа и Египет.
Тие се враќаа во САД кога Титаник удри во санта мраз на 14 април 1912 година. Телото на Астор и неговиот часовник биле пронајдени од екипажот на парабродот „CS McKay-Bennett“ на 22 април 1912 година.
Неговата сопруга Медлин, на која Астор и помогна да влезе во чамецот за спасување, преживеа.