
Чаир заслужува градоначалник што ќе носи инвестиции, а не човек што се среќава со српските лидери – велат од ВЛЕН
„Никому од Чаир му нема помогнато, никому му се нема најдено, никому му нема одговорено на телефон. Во Чаир, тој нема помогнато за ниту едно ново училиште. Го немало кога се граделе булевари, улици, го немало кога се правеле градинки и игралишта“, пишуваат од коалицијата.
За само четири години како министер, Бујар Османи се сретна повеќе пати со српските отколку со косовските власти. Трчаше 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина. Ова е денешната реакција на коалицијата ВЛЕН по најавата дека потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“.
Оттаму велат дека Османи изминатите години ништо не направил за своите сограѓани во Чаир, туку на Албанците им понудил само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе.
„Бујар Османи е посреќен со српски дипломати околу себе отколку со своите сограѓани од Чаир. Во Скопје го пречека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а беше и редовна ‘кореографија‘ на прошетките и вечерите со српскиот претседател Александар Вучиќ“, се вели во коалициската реакција.
Според ВЛЕН, Османи е посреќен со српски дипломати околу себе, отколку со своите сограѓани од Чаир.
„На никого од Чаир му нема помогнато, на никого му се нема најдено, на никого му нема одговорено на телефон. Во Чаир, тој нема помогнато за ниту едно ново училиште. Го немало кога се граделе булевари, улици, го немало кога се правеле градинки и игралишта“, пишуваат од ВЛЕН.
Сметаат дека Чаир заслужува градоначалник што носи инвестиции, чисти улици и сигурни училишта, а не човек чиј единствен резултат е дебела фотоархива со српските лидери.
„Бујар Османи го интересира својата кариера, добрите релации со Белград и шансата да остане во политиката. Во еден мандат да се сретнеш повеќе пати со Белград од Приштина зборува за тоа дека тој заборавил од каде доаѓа и кои се негови луѓе“, стои во реакцијата.