Чавушоглу со ново предупредување до Шведска

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ја предупреди Шведска дека Анкара нема да го поддржи нејзиното членство во НАТО доколку не преземе мерки против Курдистанската работничка партија (ПКК) која е прогласена за терористичка организација во Турција.

ПКК одржа митинг во Стокхолм каде беа упатени навреди кон турскиот претседател Таип Ердоган, а кукла со неговиот лик беше обесена за нозе на столб пред градското собрание.

– ПКК поставува мина за членството на Шведска во НАТО. Доколку Владата на Шведска не реагира соодветно на ваквите активности, нема да го дадеме одговорот што Шведска го чека кога станува збор за аплицирање за членство во Алијансата. Тоа е јасно. Шведска мора да направи избор – изјави Чавушоглу за телевизијата ТРТ, пренесува ТАСС.

Тој повтори дека Анкара очекува Шведска да го почитува меморандумот за борба против терористичките организации, што е услов Турција да го одобри влезот на земјата во НАТО.