Чавушоглу: Го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово
Мевлет Чавушоглу – министерот за надворешни работи на Турција изјави дека неговата држава целосно го поддржува Косово на неговиот евроатлански пат, но нагласи и дека има една голема пречка за натамошниот развој на односите меѓу двете земји.
Тој на прес-конференција во Приштина рече дека треба да се продолжи со јакнењето на соработката меѓу двете земји, меѓутоа изрази загриженост поради присуството на организацијата ФЕТО во Косово.
„Го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово како и натамошниот развој на Косово и неговата интеграција во меѓународните организации. Го поддржуваме зачленувањето на Косово во инстанци како евроатлантските организации… Меѓутоа, морам да нагласам дека постоењето на ФЕТО во Косово е најголемата пречка во нашите односи. Постоењето на ФЕТО во Косово ги труе нашите односи – рече Чавушоглу.
Според шефот на турската дипломатија, ФЕТО ја спроведува во Косово „истата стратегија како и во Турција“.
„Го следиме тоа. Од една страна се обидуват да ги затрујат младите и инвестираат во медиуми, додека од друга страна бараат начини да се инфилтрираат во државните институции. Тоа е вознемирувачки за нас. Немојте да ги земате предвид зборовите на други земји кои ви велат да ги поддржувате“ – рече Чавушоглу.