Чави: Ова е најдобрата Барселона откако сум јас тренер!

Барселона беше најубедливата екипа, барем во првата половина од воведното коло во Лигата на шампионите, совладувајќи го Антверпен со 5-0, но она што го радува тренерот Чави Ернандез не е само резултатот, туку и стилот на игра.

Неговиот тим создаде многу шанси, од девет шута на голот на противникот пет беа погодоци, а шутна вкупно 22 пати. И сето тоа ќе беше само одлична вечер, да не беше, всушност продолжение на уште еден фантастичен меч од викендов, кога Барса славеше со 5-0 и против Бетис, во Ла Лига.

„Многу сум задоволен. Среќен сум за резултатот, но пред се за играта, за тоа како игравме фудбал. Последниве два натпревара, во саботата и сега овој, мислам дека се најдобрите откако јас сум тренер. Тоа е начинот! Има некои фудбалери, кои ја подобрија групата, но добриот впечаток е генерален, како играме. Гордост беше да се види тимот како покажува континуитет. Важно е да го задржиме ова ниво на на игра, гладот за концентрација… Тимот ужива на теренот и креира многу шанси во нападот. Минатата сезона ни недостасуваше позиционен напад, а сега сме многу подобри во тоа“, изјави Чави по мечот.

Играчите кои го подобрија тимот се Жоао Феликс, стрелец на два гола синоќа и „мигрантите“ од Манчестер сити, Гундоган и Кансело.

„Тие доаѓаат од тренер кој сака да игра како што ние играме. Нема што да се каже за Гундоган, прекрасно е да се гледа како игра. Исто така и Кансело. Жоао Феликс исто така совршено ја разбра својата улога. Тие уживаат, а тоа е најважното нешто за тимот“, задоволен констатира Чави.