Цуфи Кока доби четири месеци затвор

Човекот кој пукаше во воздух кај Скендербег за време на протестниот марш на противниците на францускиот предлог, Цуфи Кока, добил четири месеци затвор, објави ТВ 21 повикувајќи се на потврда од членовите на семејството на Кока. До извршувањето на казната, тој ќе биде во домашен притвор. Цуфи Кока пред пресудата исто така се наоѓаше во осумдневен притвор.

Обвинителството го гонеше Кока бидејќи на 6 јули на платото пред плоштадот „Скендербег“, со пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9×19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на протестот, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух.

Негова фотографија потоа објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тврдеше дека тоа лице требало да го убие него.

Инаку, Цуфи Кока е член на Алијанса на Албанците и брат на сега веќе поранешниот в.д. директорот на „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, кој по инцидентот беше разрешен од градоначалничката Данела Арсовска.