ЦУК со мапа: Централниот дел на земјава и Кумановско под висок ризик од пожари

Дел од територијата на Македонија е под многу висок ризик од појава на пожари, покажува една од трите мапи кои ги објави Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Дел од територијата на Македонија е под многу висок ризик од појава на пожари, покажува една од трите мапи кои ги објави Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во моментот се детектирани само две горливи точки кои оддаваат топлина во околината на селото Николиќ кај Дојран, велат од ЦУК, посочувајќи дека точките се детектирани преку сателитски сензори (MODIS и VIIRS) .

Централниот дел на државата и околината на Куманово имаат многу висок ризик од пожари(означен со црвено), додека останатите делови имаат висок(со портокалово) и среден ризик(со жолто), покажува мапата која го мери Метеоролошкиот индекс на опасност од пожар. Опасноста е на ниско ниво (со зелено) само во подрачката околу планината Шара и други помалку загрозени региони.

„Овој индекс се пресметува врз основа на податоци од автоматските метеоролошки станици на Управата за хидрометеоролошки работи, а вклучува параметри како температура на воздухот, релативна влажност, брзина и правец на ветерот“, велат од ЦУК.

Мапа на горливи точки, Фото: ЦУК

На друга мапа е прикажано колку е сува вегетацијата. Овој индекс се мери преку сателити од Системот на НАСА за информации за пожари за управување со ресурси (NASA FIRMS).

Карта на сувост на вегетација, фото: ЦУК

Повисоките планински предели во Македонија имаат висока сувост на вегетација(прикажана со црвено), што, велат од ЦУК, укажува на ранливост и потенцијал за појава на пожари. Мапата прикажува дека голем дел предели се средно суви(прикажано со жолто), додека во пониските предели со ниска сувост на вегетацијата, ризикот од пожар е помал.

Денеска, 11 јули, до 12:30, има вкупно 14 пожари во Македонија, информираше ЦУК. Од нив активни се 4, под контрола се 6, локализирани се 2 пожари и 2 пожари се целосно изгаснати.

Активни пожари се во:
Општина Дојран: с. Николич (нискостеблеста шума)
Општина Чашка: под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар)
Општина Куманово: местото Преовце-Куманово (ниска вегетација)
Општина Старо Нагоричане: с. Ругинце (ниска вегетација)
Под контрола се пожарите во:
Општина Македонски Брод : с. Рамне – с. Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
Општина Македонски Брод : с. Слатина (мешана шума)
Општина Македонски Брод : с. Слатина кај Слатински извори (нискостеблеста мешана шума)
Општина Македонски Брод : во кругот на фабриката СУМБРО (ниска вегетација)
Општина Македонски Брод : помеѓу с. Црешнево, с. Крапа и с. Локвица (деградирана дабова шума и грмушки)
Општина Чучер Сандево: помеѓу с. Блаце и с. Горњани, м.в. Рамна шума (шумски пожар)
Локализирани се пожарите во:
Општина Прилеп: с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид (приземен во мешана шума)
Општина Свети Николе: с. Делисинци (ниска вегетација, стара напуштена куќа)

 

Изгаснати се пожарите во:

Општина Чучер Сандево: црквата Свети Тројца (ниска вегетација)
Општина Македонски Брод: с. Белица (нискостеблеста шума)