ЦУК предупредува: Опасноста од локални поплави се уште не е надмината во одредени региони

ЦУК координираше да се сопре целосно истекот од ХЕЦ „Врурок“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар, освен тоа што е од дождовите. Очигледно е дека нивото на реката Вардар е високо и градоначалниците во Полошко, согласно тоа е очекувано превентивно да се подготвуваат за можните излевања да не бидат на штета на населените места во Полошката котлина.

Конкретно, според последните добиените податоци во ЦУК од хидролошките станици низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на р.Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полошката Котлина. Исто така, во Скопје на р.Вардар е регистриран прилично висок водостој и е можно, речиси до горе, да биде исполнето со вода првото (минор) корито на реката. Зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради поради движењето на поплавниот бран. И на р.Треска се уште е висок водостојот на реката. На останатите водотеци има намалување или стагнација на водостоите во однос на утринските.