ЦУК: Возило излетало на железничката пруга Велес-Градско, во спасувачка акција се извлечени две повредени лица

Две лица вчера биле извлечени од патничко возило откако излетало од регионалниот пат Велес-Градско и се заглавило на блиската железничка пруга, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму велат дека возилото излетало од патот поради неприспособена брзина, по што нивните екипи во брза спасувачка акција ги извлекле двете повредени лица.

Акцијата морала да се заврши во определено време, односно до наредно поминување на возот на овој дел од пругата.

„Акцијата беше ограничена со време. Покрај пожарникарите, на терен интервенираа и полицијата, итната медицинска помош и екипите на АМСМ и на ЈП ‘Македонски железници‘“ – велат од ЦУК.

Едното од лицата, според соопштението на ЦУК, било потешко повредено и се наоѓало во возилото кое било заглавено на железничката пруга.

„Хаварисаното возило мораше да се отстрани брзо од пругата до наредното поминување на возот Велес-Градско, односно во период од 15 до 17 и 30 часот“ – информира ЦУК.

Повредените лица биле пренесени во велешката болница.