Црна Гора ќе ги затвори пристапните преговори по Поглавјето 32 – Финансиска контрола

Црна Гора се надева дека изработката на Договорот за нејзино пристапување во ЕУ ќе започне за време на Кипарското претседателство во текот на првата половина од оваа година. Подгорица сака да го заврши преговарачкиот процес до крајот на 2026 година и да стане 28-ма членка на Унијата во 2028 година.

Во Брисел попладнево ќе се одржи 25-та Меѓувладина пристапна конференција меѓу ЕУ и Црна Гора на која треба да бидат привремено затворени преговорите по Поглавјето 32 – Финансиска контрола.

Со конференцијата ќе претседава кипарската заменичка-министерка за европски прашања Марилена Рауна, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Црна Гора ги има отворено сите 33 поглавја од пристапните преговори за членство во ЕУ, од кои досега привремено се затворени 12 поглавја.

На претходната Меѓувладина конференција, одржана во декември 2025 година, Црна Гора затвори пет поглавја: 3 – Право на основање и слобода на обезбедување услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Трговско право, 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.

Црна Гора се надева дека изработката на Договорот за нејзино пристапување во ЕУ ќе започне за време на Кипарското претседателство во текот на првата половина од оваа година. Подгорица сака да го заврши преговарачкиот процес до крајот на 2026 година и да стане 28-ма членка на Унијата во 2028 година.

Денешната Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Црна Гора ќе се одржи по завршувањето на Совет за општи работи (ГАК) на кој Кипар пред министрите за европски прашања на земјите членки ќе ги презентира приоритетите на своето Претседателство со Европската Унија. Во рамки Годишниот дијалог за владеење на правото министрите ќе се осврнат на состојбите во Данска, Естонија, Грција и Шпанија, додека за време на работниот ручек ќе разменат мислења за Европскиот штит за демократија.