Црна боја врз натписот со името на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола

Натписот со името на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, кој беше запишан и истакнат со бели букви, е пребојадисан со црна боја и е нечитлив.

СВР Битола постапува по пријавата за натписот со името на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, што вчера беше исчкртан со спреј од иселеникот од Австралија, Стефан Георгиевски.

Снимката од безбедносните камери ја објави бугарската БТВ, а подоцна и Георгиевски се огласи на Фејсбук и упати порака до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски дека кога тоа не го направиле надлежните институции, морале да реагираат граѓаните од Битола, со „препорака повеќе да не се отвораат вакви клубови кои ќе носат имиња на докажани фашисти, кои ги караат народите на Македонија и Бугарија“.

Здружението вчера беше избришано од Централниот регистар, откако комисија во Министерството за правда утврди дека името не е во согласност со новоизменетиот Закон за здруженија и фондации.