Црвенковски: Се повеќе се зајакнува ставот прво реформи во ЕУ, па дури потоа проширување

Во овој момент не постои простор за некаков поголем оптимизам ниту за наредните неколку години. Во Европската унија посебно кај т.н. „стари и највлијателни членки се повеќе се зајакнува ставот прво реформа на Европската Унија, па дури потоа ново проширување – изјави Бранко Црвенковски на настанот „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во Европската Унија“. Според него не се знае за каква реформа станува збор, на кој начин ќе се спроведе и во кој временски период.

-И нешто многу побитно. Било каква реформа во Унијата може да се спроведе со едногласна поддршка на сите членки , а како што можеме да видиме дека целосен консензус е тешко да се постигне дури и за помалку важни прашања од тоа каков статус ќе имаат и кои привилегии ќе ги изгубат одредени земји со тие промени – вели Црвенковски.

Тој вели дека мора да признае дека за него се многу нелогични и без реална поткрепа изјавите без разлика од каде се и од кого доаѓаат дека ако сега ги отпочнеме преговорите за 4,5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на унијата.