„Македонската јавност и општеството во целина треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија“.
Ова денеска меѓудругото го изјави поранешниот претседател и екс-лидер на СДСМ – Бранко Црвенковски.
На дебатата во организација на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“ Црвенковски рече дека „Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“.
„Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот. Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши после, отколку пред потпишувањето на договорот. Или да бидам директен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка“ – рече Црвенковски.
Потенцира дека ветото од Бугарија „не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома“.