
Доктор Ненад Цоневски, Македонецот кој работи во Софија, е обвинет за „екстремна суровост кон животно“, откако со автомобил прегази маалско куче во бугарскиот главен град, пишува „24часа.бг“.
Од Обвинителството во Софија велат дека Цоневски ќе одговара за „намерна суровост кон животно што резултирало со сериозни повреди“, но не и за убиство, бидејќи кучето било евтаназирано подоцна. Ветеринарната експертиза покажала дека кучето имало сериозни повреди на ‘рбетот и сигурно немало да може да ги движи задните нозе, но имало шанси да преживее. Кучето Маја било чипувано, но немало сопственик, па ветеринарот, по консултација, решил да го успие, пишува „24 часа“.
Вознемирувачката снимка од инцидентот која се појави во јавноста предизвика жестоки реакции изминативе денови. На неа се гледа како Цоневски со тркалата од автомобилот гази преку кучето Маја, кое лежи на тротоарот во софиската населба Расадник. Тој потоа кратко погледнува под автомобилот и заминува.