Централниот комитет на СИРИЗА ја блокираше кандидатурата на Каселакис за лидер на партијата

Каселакис не беше присутен на денешниот состанок, а во изминатите денови постојат тензии во партијата, откако неговиот имотен лист добиен од партиски извори беше објавен во грчки весник, за што тој испрати судска белешка до партијата и дополнително ги зголеми несогласувањата.

Со широко мнозинство Централниот комитет на СИРИЗА вечерва ја блокираше кандидатурата на разрешениот претседател Стефанос Каселакис, со што тој не може да биде кандидат за лидер на изборите што ќе се одржат на крајот на ноември, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми за предлогот да се исклучи Каселакис од трката за партиски претседател гласале 138 од 151 член на Централниот комитет.

Каселакис не беше присутен на денешниот состанок, а во изминатите денови постојат тензии во партијата, откако неговиот имотен лист добиен од партиски извори беше објавен во грчки весник, за што тој испрати судска белешка до партијата и дополнително ги зголеми несогласувањата.

Минатиот месец Централниот комитет на СИРИЗА го разреши Каселакис од позицијата претседател на партијата со што започнаа процедурите за избор на нов лидер.

Доставувањето на кандидатури за претседател е до 24 октомври, на почетокот на ноември партијата ќе одржи вонреден Конгрес, а изборите се на 24 ноември.