Централен Регистар добил барање за здружението Цар Фердинанд

Пријавата за регистрирање на новиот бугарски клуб “Цар Фердинанд” е во постапка на разгледување. Официјалната потврда стигна од Централниот регистар, без да наведат детали кој е подносител на барањето за регистрација на ова здружение, чие седиште се предвидува да биде во Богданци.

По “Ванчо Михајлов” во Битола и “Цар Борис Трети” во Охрид, ова би бил трет бугарски центар кој се отвора во Македонија, а кој во својот назив содржи контроверзно историско име.

Фердинанд буди негативни асоцијации кај Македонците, сметаат историчарите, а целиот процес има конкретна цел.

“Тоа е некоја тенденција со која се претендира да се поврзе историјата на Бугарија со Македонија. Фердинанд и Борис трети се симбол на окупацијата на Макединија. Очигледно е дека тука има некаква политичка димензија, но во секој случај симболиката е таа – дека во Првата и во Втората светска војна овие личности ја претставуваат окупацијата на Македонија во тој период”

Повик да се изјаснат околу Цар фердинанд чекаат и од новоформираното Ад Хок тело, но шансите тоа да се случи не се големи, смета претседавачот на седумчлената група.

“Во случајов постои голема веројатност новото здружение да се формира како и тоа за Цар Борис трети, а тоа е согласност да даде некој од живите потомци. Тоа е предвидено кај нас во нашата правна регулатива. Ако постои жив потомок до трето колено, тогаш тој може да даде согласност и да се регистрира здружението без да се обрати до Министерството за правда”

А во Правда, пак, велат дека се уште нема стигнато барање од Централниот регистар за мислење за Цар Фердинанд, врз кое веднаш ќе треба да се состане советодавното Ад Хок тело.

Во недостиг на нов Закон за здруженија, од Владата го повторија ставот дека бугарските клубови треба да избегнуваат имиња кои ги повредуваат чувствата на граѓаните, а реакција нема ниту од Комисијата за заштита од дискриминација, од каде се чека одлука за претставката за клубот “Ванчо Михајлов”.