Централен и Извршен одбор во СДСМ – ќе се потврдуваат кадровски решенија за новата Влада

Денеска попладне се најавени седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, на кои треба да бидат потврдени кадровските решенија за составот на новата Влада.

Според информациите од владејачката партија, седницата на Извршниот одбор е закажана за 18 часот, по што во 20 часо, ќе има состанок и на Централниот одбор.

Лидерот на партијата Димитар Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на Владата.

Ковачевски вели дека подготовките за новата влада се на самиот крај, а програмата и кадровските решенија се усогласени со коалициските партнери.

Засега тој не кажува конкретни имиња, но вели дека станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната Влада.

Претседателот Пендаровски на Ковачевски му го врачи мандатот за состав на нова Влада на 29. декември, по што почна да тече рокот од 20 дена.