
Цените на становите и понатаму растат
Во последниот квартал од 2022 година цените на становите се зголемиле за 20,6 отсто. Во третиот квартал растот бил 21,2 %, во вториот 16,5 отсто, а во првото тромесечие растот изнесувал 12,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. И во последниот квартал од 2021 година бил регистриран двоцифрен раст на цените на станбениот квадрат.
Според податоците на пописот повеќе од една третина од вкупно попишаните 839.174 станови се празни. Во 531.987 станови се живее, а останатите 36,6 отсто или 307.187 станови се празни. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан.
Според податоците на агенциите за недвижности цените на становите се движат од 1.800 до 2.200 евра за квадратен метар во центарот и околу центарот на Скопје. Под 1.100 евра веќе и да нема станови на продажба.
Во последниот период регистриран е енормен раст на цените на градежните материјали и на електричната енергија. За повеќе од 40 отсто се зголемени и комуналните такси.