Цените на становите во Скопје со раст од 18,8 проценти во првиот квартал

Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава бележат раст од 18,8 проценти на годишно ниво, а од 1,3 отсто на квартално ниво, покажуваат податоците на Народната банка.

Во првиот квартал лани недвижностите поскапеа за 12,4 отсто на годишно ниво, по што следеше раст, од 16,6 отсто во вториот квартал, од 21,2 отсто во третиот и од 20,6 проценти во четвртиот квартал.

Народната банка го подготвува индексот на цените на становите за територијата на Скопје, врз основа на податоци кои се однесуваат на огласите за продажба објавени од агенциите коишто се занимаваат со промет со недвижности.

Во периодот јули – декември 2022 година во базата на Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности се внесени 17.583 трансакции (вкупниот број на трансакции е збир од вкупниот број на купопродажби и вкупниот број на закупи), од кои 12.997 купопродажби на недвижности (вкупниот број на купопродажби е збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од Република Северна Македонија) и 4.586 закупи на недвижен имот.

Бројот на купопродажби, според податоците од Регистарот, во периодот јули – декември 2022 година во однос на периодот јули – декември 2021 година е намален за пет проценти, додека кај закупи во тој споредбен период има зголемување за 13 проценти.

Во второто шестмесечје од 2022 година најмногу купопродажби се регистрирани во ноември, 2.810, а најмалку во октомври 1.668.