Цените на нафтата паднаа под 85 долари
Цените на нафтата паднаа под 85 долари во четвртокот, бидејќи трговците ја толкуваа веста за ограничувањето на цената на руската нафта што ја разгледува Групата седум (Г7) како сигнал за непречен извоз, намалувајќи ја загриженоста за снабдување.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше пониска за 77 центи и изнесуваше 84,65 долари. Во Њујорк со барел се тргуваше за 36 центи пониско од 77,58 долари, пренесува Хина.
Пазарите беа смирени од веста дека Г7 се подготвува да постави повисока граница на цената на руската нафта отколку што е моментално на пазарот, што ја смири загриженоста за снабдување.
Г7 ја разгледува можноста за ограничување на цената на руската нафта преку море од 65 до 70 долари за барел, изјави неименуван европски претставник.
Повисоката граница би можела да ја поттикне Русија да продолжи да продава нафта, што би го намалило ризикот од недоволно снабдување.
Кремљ во четвртокот соопшти дека Русија не планира да испорачува нафта и гас на земјите кои поддржуваат ограничувања на цените, додавајќи дека ќе донесе конечна одлука по анализата на бројките.
„Кога ќе се земе предвид дека Русија во моментов извезува нафта по цена пониска од предложената граница, може да се каже дека ценовната граница автоматски подразбира непречен руски извоз“, рече Тамас Варга од PVM Oil.
Неочекувано силниот раст на залихите на бензин во Соединетите Американски Држави (САД) минатата недела и построгите мерки за контрола на Ковид-19 во Кина влијаеа на цените.
Залихите на сурова нафта во САД паднаа за 3,7 милиони барели, три пати повеќе отколку што прогнозираа аналитичарите во анкетата на Ројтерс.
Кина во средата го пријави својот најголем дневен број на случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а локалните власти ги заостри епидемиолошките мерки, дополнително поттикнувајќи ја загриженоста на инвеститорите за економскиот раст и побарувачката за гориво.
Вниманието на пазарот го привлече и информацијата дека САД наскоро може да одобрат проширување на операциите на нафтениот гигант Шеврон во Венецуела и продажба на венецуелска нафта, откако Владата и опозицијата во Каракас ќе ги обноват политичките преговори, тврдат четири упатени извори.