Цените на нафтата на меѓународните пазари над 79 долари

Цените на нафтата се задржаа над 79 долари во петокот, како знаци за стабилизирање на побарувачката за работна сила во САД и благо забрзување на инфлацијата во Кина, ја намалија загриженоста за побарувачката.

Сето тоа беше поврзано со намаленото снабдување од Либија и тензиите на Блискиот Исток, пренесува Мина.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 32 центи на 79,48 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 76,57 долари. На крајот на неделата, трговците се фокусираа на побарувачката на работна сила во САД.

Вкупно 233.000 Американци поднеле барање за бенефиции за невработеност минатата недела, што е за 17.000 помалку од една недела претходно, покажаа податоците на Министерството за труд во четвртокот, најавувајќи стабилизација на побарувачката за работна сила.

Новите бројки ги намалија стравувањата од рецесија во САД, поттикната од наглото забавување на вработувањата во јули, со нето-отворање работни места на половина од месечниот просек во изминатите 12 месеци.

На крајот на неделата, цените беа поддржани од благо зајакнување на инфлацијата во Кина. Индексот на потрошувачките цени (CPI) порасна во јули малку посилно од очекуваното, за 0,5 отсто на годишно ниво, по растот од 0,2 отсто во претходниот месец, соопшти Заводот за статистика.

Аналитичарите очекуваа дека податоците ќе покажат рамномерно темпо на раст.

„Сентиментот беше поддржан и од благиот раст што го покажаа податоците за инфлацијата во Кина“, рече Џорџ Кури од CFI.

Мало забрзување на инфлацијата навестува закрепнување на побарувачката, што значи и забрзана економска активност и подобрена побарувачка за енергетски производи.

„Истовремено, геополитичката ситуација е сè уште напната, со ризик од ескалација на конфликтот“, потсети Кури.