Цените на нафтата на меѓународните пазари надминаа 91 долар

Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари надминаа 91 долар, откако можното губење на снабдувањето од Русија повторно ги стави во втор план стравувањата дека зголемувањето на каматните стапки и кинеските мерки на заклучување ќе ѝ наштетат на побарувачката.

Цената за барел нафта попладнево на лондонскиот пазар беше повисока за 2,29 долари во споредба со вчерашното затворање и изнесуваше 91,44 долари. На американскиот, барелот се тргуваше по 2,45 долари повисока цена, од 85,99 долари.

На крајот од неделата, трговците се фокусираа на најавите на водечките производители дека ќе ја намалат понудата.

Трговците накратко ги занемарија и строгите епидемиолошки мерки во Кина, што ја намалуваат економската активност и ја поткопуваат побарувачката за нафта.

Вчера градот Ченгду го продолжи карантинот за повеќето од своите над 21 милион жители, а на милиони граѓани во други делови на Кина им е кажано да избегнуваат патувања за време на празниците што следуваат.

ОПЕК одвоено објави дека барел од нафтената кошница на неговите членки вчера се намали за 3,29 долари, на 92, 67 долари.