
Цените на нафтата минатата недела паднаа за околу 4 отсто
На светските берзи минатата недела цената на нафтата падна за околу 4 отсто, по значителното зголемување една недела претходно, бидејќи трговците очекуваат забавување на растот на американската економија, а со тоа и на побарувачката на „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 3,9 отсто, на 83,00 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 4,2 отсто, на 76,34 долари.
Цените изгубија голем дел од добивката од претходната недела, кога пораснаа за околу 8 отсто откако Русија објави дека ќе произведува помалку нафта во март, за 500.000 барели дневно, или околу пет отсто од вкупното производство.
Сепак, минатата недела беше објавено дека руските производители проценуваат дека нема да го намалат извозот и покрај најавата на владата.
Цените на нафтата беа под притисок минатата недела, главно поради тоа што стана сè појасно дека американската централна банка ќе продолжи да ги зголемува клучните каматни стапки за да ја спречи инфлацијата.
Тоа секако ќе го забави растот на најголемата светска економија, а со тоа и побарувачката на нафта.
Двајца функционери на ФЕД во четвртокот предупредија дека банката мора дополнително да ги зголеми трошоците за позајмување со цел да ја сведе инфлацијата на посакуваното ниво. Нивните изјави аналитичарите ги толкуваа како најава за поагресивно зголемување на каматите, стравувајќи за економијата и побарувачката на нафта.
Повторно завладеа нервоза поради зголемувањето на каматите“, изјави Стивен Бренок од ПВМ.
А дека побарувачката во САД веќе не е импресивна покажа извештајот според кој залихите на сурова нафта минатата недела пораснале за дури 16,3 милиони барели, на 471,4 милиони барели, највисоко ниво од јуни 2021 година.