Цените на нафтата значително паднаа

На светските пазари, цените на нафтата значително паднаа минатата недела, бидејќи трговците се загрижени за зголемените ризици од рецесија во голем број економии, што може да предизвика слабеење на побарувачката за „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 6,4 отсто, на 91,63 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 7,6 отсто, на 85,60 долари.

По скокот за повеќе од 10 отсто пред една недела, цените на нафтата драстично паднаа минатата недела, бидејќи трговците се загрижени за прогнозите за можна глобална рецесија што ќе значи послаба побарувачка за нафта.

Минатата недела Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди во своите есенски прогнози дека една третина од светската економија веројатно ќе забележи пад во оваа или следната година поради падот на реалниот доход и порастот на цените.

ММФ проценува дека светската економија годинава ќе порасне за 3,2 отсто, додека следната година растот би можел да забави до 2,7 отсто. Во САД, Кина и во еврозоната активностите речиси ќе стагнираат, оценува ММФ.

Поради можна рецесија, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги намали прогнозите за раст на побарувачката на нафта оваа и следната година, по намалените проценки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).

„Цените беа под притисок од значително намалените прогнози за побарувачката (на нафтата), првенствено во следната година“, велат аналитичарите на Commerzbank.

Пред околу 10 дена, ОПЕК и неговите сојузници го поттикнаа растот на цената на нафтата со тоа што одлучија да го намалат производството за два милиони барели дневно од ноември. ИЕА објаснува дека некои членки не успеале да ги исполнат своите квоти во изминатиот период, што значи дека ОПЕК + всушност ќе го намали производството за еден милион барели дневно.

Трговците ја следат и ситуацијата во Кина, која со строги мерки се обидува да го потисне новиот бран на инфекција со Ковид-19. Бројот на заразени е мал според глобалните стандарди, но Кина спроведува политика на нулта толеранција за коронавирусот, што ги инхибира економските активности, а со тоа и побарувачката за нафта.

И растот на САД, најголемата светска економија, исто така ќе забави. Бидејќи инфлацијата во САД се уште се движи околу највисоките нивоа во последните 40 години, па се проценува дека американската централна банка ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 отсто на дводневната сесија на 1 и 2 ноември, за четврта сесија по ред.поени.

Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година тие пораснаа за речиси 20 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.