Цените на гасот нагло пораснаа на европскиот пазар
Цените на природниот гас во Европа денеска нагло пораснаа на берзата ТТФ, за 10,4 отсто на 37,8 евра за мегават-час поради падот на приливот на гас од Норвешка.
Цената на гасот во Европа е највисока во последните шест месеци.
Норвешкиот гасовод „Гаско“ соопшти дека дошло до инцидент кај гасниот центар Слејпнир, кој потоа бил затворен, пренесува „Ројтерс“.
Засега не е јасно кога хабот ќе продолжи со работа со полн капацитет.
Референтните цени на гасот во Велика Британија, исто така, денеска пораснаа за 15 отсто, бидејќи испораките од Норвешка за Велика Британија беа значително намалени.
Како што објави порталот „Oilprice“, Норвешка стана најголемиот снабдувач на гас во Европа по февруари 2022 година и падот на извозот на руски гас во Европската унија, а непланираните прекини на снабдувањето од оваа скандинавска земја дополнително ја нагласуваат европската ранливост.