Цените на гасот во Европа најниски од почетокот на војната во Украина

Благата зима и добро исполнетите складишта за гас продолжуваат да ги намалуваат цените на овој извор на енергија во Европа.

Во холандскиот трговски центар ТТФ, цената на гасот драстично падна во последните денови, а денеска падна на 73 евра за мегават час. Ова е половина од пред еден месец и најмалку од почетокот на војната во Украина.

Цените на гасот почнаа значително да опаѓаат кон средината на минатиот декември. Ценовниот рекорд беше постигнат на крајот на август со речиси 346 евра за мегават час. Тогаш Русија брзо почна да ги намалува или суспендира испораките на членките на ЕУ.

Извозот на гас на рускиот енергетски гигант Газпром во ЕУ и Швајцарија е намален минатата година за 55 отсто, јавуваат странските агенции за печат, соопшти денеска компанијата. Европа беше главниот извозен пазар на Гаспром, но испораките беа драстично намалени поради санкциите против Русија по нејзиниот напад врз Украина кон крајот на февруари 2022 година.

Минатата година производството на гас на руската енергетска компанија „Газпром“ е намалено за 20 отсто во однос на претходната година. Тој достигна 412,6 милијарди кубни метри.

Складиштата за гас се полни во Европа. На ниво на ЕУ моментално се пополнети 83%. Така, Европа е подобро подготвена за заострување на ситуацијата отколку во јануари минатата година, кога магацините беа полни 54 проценти.

Експертите предупредуваат дека со почетокот на студеното време условите ќе се влошат и цената на гасот повторно ќе почне да расте. Конкуренцијата меѓу Европа и Азија за увоз на течен природен гас, исто така, може да ги зголеми цените.