Целта на Курти е етничко чистење на Србите – смета Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека косовскиот премиер Албин Курти донел одлука за укинување на динарот на Косово со цел етничко чистење на српското население од Косово или како што се вели во Конвенцијата за геноцид, „намерно подложување на Србите на ненормални услови за живот“.

Тој во своето обраќање до јавноста рече дека Приштина не може да се смири и да сфати дека дијалогот е важен и дека мора да го имаме, бидејќи Косово е непризнаена држава.

„Проблемот е затоа што Курти се повикува на тоа дека тие се независна држава која може да го направи тоа, од друга страна јасно е дека не се“, рече Вучиќ.

Тој потсети дека од првиот бриселски договор до сите наредни и до статутот на ЕУ, најважна норма содржана во тие документи е Србија да има право да финансира одредени активности.

„Здравствена заштита, образование, пензии за српското население, кои требаше да се обезбедат преку ЗСО, но Албанците никогаш не сакаа да учествуваат во неговото финансирање“, рече Вучиќ.