
Целосно ќе се реконструира и ќе се електрифицира пругата Скопје – Кичево
Како што истакна Николоски на прес-конференција, пругата е во лоша состојба и по неа сега е невозможно да се движат возови, но за две до 2,5 години од завршувањето на студијата пругата треба да биде готова.
Владата донесе одлука за почнување подготвителни работи за целосна реконструкција на железничката линија од Скопје до Кичево на Коридорот 8. ЕУ ќе обезбеди 5,3 милиони евра грант за физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обнова и развој која ќе одбере консултант, по што ќе се оди кон втората фаза – работа на терен, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што истакна Николоски на прес-конференција, пругата е во лоша состојба и по неа сега е невозможно да се движат возови, но за две до 2,5 години од завршувањето на студијата пругата треба да биде готова.
„Затоа решивме прво да ја реконструираме, а потоа да ставиме модерна сигнализација и да ја електрифицираме. Дури и да беше во добра состојба, по железницата ќе оперираа само дизел локомотиви“, рече Николоски.
Реконструкцијата ќе овозможи, потенцира вицепремиерот, поврзување на Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар – Кичево.
Според Николоски, со оглед дека реконструираната пруга ќе биде поставена на сегашната траса нема да има дополнителни трошоци и застои за изградба на пругата.
Тој посочи дека изградбата на пругата ќе трае од 2 до 2,5 години и ќе почне веднаш по завршување на постапката за подготовка која треба да биде завршена според процедурите на Европската банка за обнова и развој. Пругата ќе биде целосно нова, но поволна околност е што ќе нема дополнителни имотно-правни проблеми, односно нема да има експропријации – рече Николоски. Одговарајќи на прашање на новинарите, тој рече дека индикативната цена е околу 4 милиони евра за километар.
„Идикативната цена за делот од Скопје до Гостивар изнесува повеќе од 4 милиони евра по километар или повеќе од 300 милиони евра ќе чинат 79-те километри пруга од Скопје до Кичево, рече Николоски нагласувајќи дека ќе се искористат сите можности за евтини финансии како што е и со брзата пруга и пругата кон Бугарија.