ЦГК: Милиони евра за нетранспарентни набавки во училиштата

Без транспарентност и отчетност се трошат околу 10 милиони евра за набавки коишто се финансираат со пари од родителите во училиштата,покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Во неа се посочува дека постои отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките коишто се финансираат со пари од родителите.

Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјата открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина и слично, се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи МОН за нив има донесено процедури уште во 2014 година.

Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставиле одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките.

„Доцнењето на Министерството за образование и наука (МОН) да изготви подзаконски акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки, им овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите“, наведуваат од ЦГК.

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција.

Во Северна Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци, може да се процени дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра. „Ова е, секако, огромна сума пари, за коишто не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците“, велат од ЦГК.

Тие препорачуваат Министерството за образование и наука да ги изготви подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитнообразовните институции кои не подлежат на Законот за јавни набавки. На овој начин ќе се имплементира обврската од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година, каде што е предвидено Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција.

Во очекување на подзаконските акти, училиштата треба да ги спроведуваат набавките што се финансираат со парите од родителите врз основа на начелата на транспарентност, недискриминација и еднаков третман. Ова би значело објавување огласи за набавките и за избор на најповолната понуда врз основа на прецизни и јавно објавени критериуми за избор.

Општините, пак, треба да ги координираат училиштата во насока на воведување унифицирани процедури за спроведување на набавките што се финансираат со парите од родителите врз основа на начелата на транспарентност, недискриминација и еднаков третман. Веб-страниците на училиштата треба да бидат функционални и да се користат за поголема транспарентност во работењето на училиштата, вклучувајќи ги и информациите за набавките на производите и услугите за учениците.