„Цар Фердинанд“ ги стави институциите на тест

По двете бугарски здруженија и двата клуба коишто се отворија во Северна Македонија, на повидок е трет обид да се искористат правните дупки во земјата – овојпат за регистрација на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци.

Ова барање, кое што е поднесено неодамна, ќе треба да помине неколку филтри – и пред Централниот регистар, но и пред новоформираното ад хок советодавно тело коешто го формираше Министерството за правда. Додека да се усвојат законските измени кој сѐ може и со какво име да регистрира здружение во земјата, битката против спорните бугарски клубови ќе се води и пред судовите.

Централниот регистар веќе го анализира предметот за регистрирање на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци, откако до нив пристигнала пријава за регистрација.

Разгледувањето на документацијата за регистрација на овој клуб ќе се најде на дневен ред и пред ад хок советодавното тело кое го формираше Министерството за правда. Министерот Никола Тупанчески неодамна го најави формирањето на ова тело, како преодно решение до донесување на нов закон за регистрација на здруженија за кои детали треба да бидат објавени до крајот на месецот. Со новото законско решение треба јасно да бидат уредени условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение и дали тоа има назив на контроверзна историска личност.

Во меѓувреме и опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе иницијатива за менување на овој закон, со кој очекуваат да се спречи „идно формирање на квази културни клубови“, но и да се реагира за актуелните спорни здруженија.

Премиерот Димитар Ковачевски, во однос на најавеното отворање на здружението „Цар Фердинанд“ оцени дека ваквите имиња на никој начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница.