„Социјалната мапа со години се провлекува низ призмата на МТСП. Се додека ова прашање на социјална нееднаквост, го гледаме низ призмата на примање социјална помош, нема да стигнеме далеку. Сите останати институции треба да се вклучат во социјалната нееднаквост. Ние треба да зборуваме за образование како излез од сиромаштија. Ако зборуваме за здравјето, тогаш со какво ментално здравје се наоѓаат невработените. Тој пристап треба да се стави на агенда, за да се намали сиромаштијата или да се зголемат приходите кај поголем број граѓани. Клучниот елемент како да се намали социјалната нееднаквост – тоа е редистрибуција или допирање на даноците, на тоа заборавивме. Најдобрите држави имаат прогресивни даноци“ – вели Мила Царовска, поранешната вицепремиерка во најновото издание на Трилинг.
Таа смета дека „недостатокот на работната сила не е кај работодавачите, денеска има работодавачи кои имаат волја да платат, но не можат да најдат продуктивни работници. Го пропуштивме времето кога требаше да се грижиме младите да не заминат надвор, за квалитетното образование. Треба да се грижиме да обезбедиме добро општо образование, за да се создадат продуктивни граѓани, кои може понатаму да се развиваат. Ако не направиме промени во основното образование, не треба да плачеме на пропуштената шанса“.
За политички дијалог меѓу двете најголеми политички партии и за постојано конфронтирање кој е поголем криминалец, Царовска вели „според последните истражувања, довербата во политичарите се намалува. Тоа е аларм дека нешто треба да промениме“.
„Се што се случува е плод на непресретнување на потребите на граѓаните. Треба да почнеме да се фокусираме на основните прашања за политичарите да донесат одлука врз експертските мислења, а не врз основа на личните ставови. Препукувањето нема да не донесе до подобрување на состојбата. Што е она што ни треба да се подобриме, но наша е домашната задача да ги подобриме институциите, да работиме да се зголеми квалитетот на живот за граѓаните. Без доверба е невозможно да подобрите ништо“ вели Царовска.
Власта и опозицијата не можат да се договорат за клучните прашања, до кога ќе чекаме проблемите да ни ги решаваат странци?
„Имаме демократски капацитет, не си веруваме и се грижиме повеќе за политичкиот поен, отколку за решавање на проблемот. Можен е конструктивен дијалог, на крајот живееме тука. Мора да се слушаме, и почитуваме“ вели екс вицепремиерката.