
Царинска управа: Во извештајот на ЕК е нотиран висок напредок во областа на Царинска унија со која раководи Управата
Во соопштението се наведува дека во извештајот на ЕК е нотирана зголемената наплата на приходи на Царинската управа, односно дека вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредено со 2023 година надминувајќи две милијарди евра. Според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, напредокот нотиран од ЕК е доказ дека Управата спроведува значителни реформски мерки и политики кои што придонесуваат кон забрзување на евроинтеграцијата на државата во единствениот пазар на Европската унија.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата е нотирано дека има високо ниво на напредок во областа Царинска унија со која раководи Царинска управа, соопштуваат од Управата.
Во соопштението се наведува дека во извештајот на ЕК е нотирана зголемената наплата на приходи на Царинската управа, односно дека вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредено со 2023 година надминувајќи две милијарди евра. Според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, напредокот нотиран од ЕК е доказ дека Управата спроведува значителни реформски мерки и политики кои што придонесуваат кон забрзување на евроинтеграцијата на државата во единствениот пазар на Европската унија.
– Високото ниво на напредок, нотирано од Европската комисија, е уште еден цврст доказ дека Царинската управа спроведува значителни реформски мерки и политики коишто треба да овозможат забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на ЕУ, вели Николовски.
Во делот на оперативни и административни капацитети, додаваат, се истакнува новата Стратегија за развој на Царинската управа 2025 – 2027, со особен акцент на воспоставениот сеопфатен разузнавачки систем. Притоа во извештајот е забележан и зголемениот број на случаи на заплени.
– Особено е потенциран напредокот во усогласување на ИКТ системите и нивно унапредување – новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 кој е завршен и пуштен во употреба во јануари годинава, како и развој на системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ и унифицирано управување со корисници и дигитален потпис, стои во соопштението.
Во делот на законодавството велат дека Комисијата нотира високо ниво на усогласеност на Царинското законодавство со правото на ЕУ, ратификуван е Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутунски производи од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутун, при што државата има важна обврска во борбата против царински измами, особено во спречување шверц на тутунски производи.
– Во борбата со корупција, како еден од главните приоритети на Царинската управа, во извештајот е истакната усвоената Стратегија за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027, која вклучува 22 таргетирани мерки за спречување корупција. Во делот на заштита на правата од интелектуална сопственост особено се потенцирани резултатите на Царинската управа. Притоа Европската комисија наведува дека во 2024 година во 73 случаи запленети се 147.525 стоки поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост, се наведува во соопштението на Управата.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка, оттаму велат дека ЕК го истакнува потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Царинските управи на Македонија и Црна Гора, чија цел е подобрување на ефикасноста на царинските контроли и спречување на царинска измама, како и забрзување на легалната трговија меѓу двете земји.