
Худолин: Управувањето со отпадот во Македонија е еден од секторите со најмал развој
-Би сакале да видиме многу поцврсто лидерство од надлежните органи и вистинска посветеност. Очекуваме политиките и законодавството да бидат усвоени што е можно поскоро за да се обезбеди добра реализација и нивно соодветно спроведување во пракса, порача Худолин.
Откако сум дојден тука, во Северна Македонија, управувањето со отпадот е еден од секторите во кои сме виделе најмалку развој. Повеќе од 50 милиони евра преку грантови се распределени низ различните инструменти на ЕУ како поддршка на локалните и националните структури за управување со отпад, а уште 25 милиони се дадени за инфраструктурни проекти. Но, за жал, се соочуваме со големи предизвици, а имплементацијата е исклучително бавна. Би сакале да видиме многу поцврсто лидерство од надлежните органи и вистинска посветеност. Ги пoвикуваме и деловната заедница и останатите партнери да се приклучат кон моделот на циркуларна економија и да ја подобрат состојбата. Очекуваме политиките и законодавството да бидат усвоени што е можно поскоро за да се обезбеди добра реализација и нивно соодветно спроведување во пракса, порача денеска шефот за соработка во делегацијата на Европската унија во Скопје, Стефан Худолин на меѓународната конференција „Патот до одржливо управување со отпад“ што се одржува во Скопје.
Како што истакна Худолин, структурите за регионално управување со отпад треба да бидат приоритет, а оние што веќе постојат се уште се соочуваат со големи административни финансиски ограничувања. Многу важно е да се обезбеди брз почеток на инвестициските проекти, кампањите за подигање на јавната свест се повеќе од потребни и не треба да бидат краткорочни.
-Регулаторната рамка на ЕУ, задачите за одржливост и финансиската поддршка даваат можност за унапредување на одржливото управување со отпад во Северна Македонија, но потребна е имплантација и соодветно однесување на институциите. Лидерството е од клучна важност за оваа политика да се претвори во ефективни практики кои ќе ги исполнат сите цели и ќе обезбеди иновации и економска отпорност, подвлече Худолин, дополнувајќи дека еден од исто така многу важните сегменти е и меѓуинституционалната соработка.
Претседателот на Меѓународната организација за управување со отпад, Џејмс Лоу рече дека Македонија, како и многу други земји, се соочува со многу предизвици во однос на управувањето со отпадот. Време е, истакна Лоу, да се елиминираат отворените, диви депонии и да се адаптираат во стандардни кои се добри за животната средина и луѓето, иако тие не се единственото решение.
Според него, отпадот е многу значаен, вреден економски ресурс со огромен потенцијал и воведувањето иновативни решенија во овој сегмент може да значи заштита на животната средина, подобрување на јавното здравје и создавање нови економски можности.
-Ако не се управува соодветно со отпадот, тоа може да предизвика сериозни проблеми за здравјето на луѓето и животната средина, може да дојде до загадување на реките, почвата, воздухот, а и да бидат предизвикани климатски промени поради емисија на стакленички гасови. Отпадот не е само проблем, туку и можност ако гледаме на него како на ресурс. Доколку го трансформираме нашиот пристап ќе успееме да пронајдеме бројни бенефиции, а тоа е поврзано со циркуларната економија каде количествата отпад се минимални, голем дел од нив се рециклираат и користат одново. Инвестициите во оваа сфера ќе овозможат отпадот да се претвори во енергија со што ќе се намали неговиот волумен, а ќе се обезбеди одржлив извор на енергија за заедниците, рече Лоу.
Како што напомена, за одржлива иднина на земјата неопходни се подобри програми за рециклажа и нивно сеопфатно спроведување (максимално намалување на отпадот во депониите, подигнување на свеста и образование, едукација на јавноста), поцврсти регулативи, казни за незаконско фрлање отпад и поддршка за иновативни технологии за негова обработка.
И тој, како и останатите учесници на конференцијата, порача дека соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор е клучна за одржливо управување.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити напомена дека Владата останува цврсто посветена на воспоставување одржлив регионален систем за управување со отпад, развој на циркуларна економија преку селекција, рециклирање и повторно искористување на секундарните суровини.
Во рамки на конференцијата која се одржува денеска и утре во организација на Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (MaSWA), домашни и странски експерти зборуваат за ЕСГ стандардите, современите принципи, паметните и дигиталните технологии за управување со отпадот, зелената енергија, декарбонизацијата, различните искуства, предизвиците и најдобрите решенија.