Православниот свет денеска го слави најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, денот кога Исус Христос воскреснал од мртвите.
Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
По две години со ковид-рестрикции, годинава на велигденските богослужби можеше да се присуствува без никакви ограничувања.
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан служеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски”- Скопје каде што по Полуноќницата и опходот околу храмот го објави Христовото воскресение, а потоа беа отслужени Утрената и Света Златоустова литургија.
Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.
Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.
Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.
Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!
Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето нè потсетува на крвта Христова и спасението.