„Среќна 1998 година со милијардата од Тајван на Циле и денес среќна 2024година со милијардата на Мицкоски од трета земја, тоа е новата денешна алтернатива надвор од ЕУ. Македонија денес е пред нов предизвик, борбата со доаѓањето на власт на десничарите и нивната алатка-клиентелистите со враќањето во минатото на веќе видени црни сценарија, автократски систем на управување или патот на почетокот од демократскиот систем на управување“, напиша градоначалникот на Крушево Томе Христоски во своја објава на Фејсбук.
Тој додаде дека поради македонскиот инает се дозволи луѓето да бидеме заложници во апатија и изолација.
„Добра е и здрава промената на власт, дали истата доаѓа од лева, десна или од центар идеологија, но која е алтернативата од таа власт која не води до подобар живот, поуспешна и просперитетна иднина на државата, право и правда, еднаквост која сите ние ја бараме. Дали заради нашиот македонски инает, алчност и непростување барем на нешто позитивно направено дозволуваме некој да не држи во неизвесност и буквално заложници во апатија, безнадежност и изолација времето ќе покаже“, потенцираше Христоски.
Според него, засега понудата е првиот чекор кон изолација наспроти интеграција.
„Не е проблем името на државата Македонија, тоа е обична игра на зборови за внатрешна употреба, заради пумпање на рејтинзи, но за мене и сите нас побитно и многу поважно е практикувањето на власта од страна на истите оние веќе видени (2007/17) кадри, носители на власт, особено од тогашниот режимски втор и трет ешалон, денешен прв за враќање на режимот преку апсолутната власт и демонстрирање моќ директно врз граѓаните. Дај боже да грешам, но очигледно заради популизам, добиваме екстремен национализам…“, заклучи Христоски.