
Христодулидис: Личната пратеничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање по 20 мај ќе ја посети Никозија
Личната пратеничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Ангела Олгин Куељар ќе биде на Кипар по 20 мај, посочи кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој паралелно изрази благодарност до претседателката на Европската комисија за назначувањето на специјален пратеник.
Личната пратеничка на генералниот секретар на Обединетите нации за кипарското прашање Марија Ангела Олгин Куељар ќе биде на Кипар по 20 мај, посочи кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој паралелно изрази благодарност до претседателката на Европската комисија за назначувањето на специјален пратеник, јави дописничката на МИА од Атина.
Христодулидис објасни дека е во контакт со личната пратеничка, размениле пораки во однос на тоа кога ќе се сретнат, а конкретниот датум, што ќе биде кон крајот на месецов, ќе го соопшти самата Олгин.
За назначувањето на Јоханес Хан за специјален пратеник на Европската комисија за Кипар, посочи дека е „особено важна разврска“, но и објасни дека Хан три пати беше комесар, имаше политички позиции во Австрија и дека го познава и кипарското и евро-турското прашање и „ќе помогне во големиот напор што го вложуваме за повторно започнување на преговорите и решавање на кипарското прашање врз основа на договорената рамка“.
– Улогата на ЕУ е од одлучувачко, водечко значење, земајќи ја предвид желбата на Турција, како што јавно ја изразија турските функционери, да ги зајакне евро-турските односи. Евро-турските прашања поминуваат преку едно чисто европско прашање: кипарското, посочи Христодулидис.