
Министерството за надворешни работи на Хрватска ги повика хрватските граѓани да го одложат патувањето во Србија поради најавениот голем студентски протест што в сабота ќе се одржи во Белград.
На хрватските граѓани кои денеска и на денот на протестот ќе престојуваат во Белград особено им се препорачува да ги избегнуваат пристапните правци до собирните места и поголемите групи граѓани, како и самите собирни места, притоа да го намалат непотребното движење низ градот пред, за време и веднаш по протестот, се вели во соопштението на Министерството.
Исто така, се забележува дека за време на протестот се очекуваат прекини во сообраќајот, а полицијата ќе го насочи сообраќајот на местата во близина на собирот и на сообраќајните правци кои водат до собирното место.
Се препорачува да се одложат сите несуштински патувања, да се внимава, да се следи моменталната состојба и да се добијат подетални информации пред да се патува поради евидентираните несоодветни и неосновани постапувања на властите на Република Србија кон хрватските граѓани“, пишува Министерството.
На хрватските граѓани им се советува и да избегнуваат места каде се собираат голем број луѓе.
Во случај на потреба, хрватските граѓани имаат право во секое време да побараат контакт со Амбасадата на Република Хрватска во Република Србија“, пишува Министерството.
Телефонските броеви на амбасадата во Белград се +381 11 36 10 032 и +381 11 36 21 026. Можете да ја контактирате амбасадата и преку е-пошта на croebg@mvep.hr.