Хрватска ги укинува рампите на автопатиштата, воведува дигитално плаќање патарина

Хрватска започнува со имплементација на нов систем за наплата на патарина, по примерот на повеќето земји од Европската Унија, кој целосно ќе ги отстрани рампите на автопатите до ноември 2026 година.

Хрватска започнува со имплементација на нов систем за наплата на патарина, по примерот на повеќето земји од Европската Унија, кој целосно ќе ги отстрани рампите на автопатите до ноември 2026 година.

Новиот систем, наречен Crolibertas, ќе овозможи целосно дигитално плаќање и патување без запирање на патарините.

Официјалниот почеток на проектот е закажан за вторник, 4 ноември, а според хрватските медиуми, целата автопатска мрежа треба да биде вклучена во системот до ноември следната година.

Со ова, според Министерството за море, транспорт и инфраструктура, метежот на патарините ќе биде минато.

Системот Crolibertas се базира на концептот на слободен проток на возила, што значи дека физичкото плаќање со готовина или картички повеќе нема да постои.

Возачите ќе можат да ја плаќаат патарината преку ENC уредот, како и досега, но новата карактеристика е APRP системот, кој овозможува последователно плаќање за користење на автопатот преку автоматско препознавање на регистарските таблички. Камерите ќе ги снимаат регистрациите на возилата, а фактурирањето ќе се врши преку ESNC системот, во кој возачот мора да биде регистриран за да избегне казна.

Првите работи за воспоставување на системот започнуваат утре, на автопатот А3, помеѓу Поповача и Новска.

Три портали од новиот систем ќе бидат инсталирани на делниците Поповача – Кутина, Кутина – Липовљани и Липовљани – Новска, додека уште четири ќе бидат инсталирани на влезовите на автопатот, на местата на сегашните патарини.

Поради работите, сообраќајните прописи привремено ќе бидат изменети на овие делници – лентата за запирање ќе биде затворена, а повремено и сообраќајната лента.