
Хрватска вложува 1,945 милијарди евра во вооружување: Набавка на тенкови „Леопард“ и хаубици „Цезар“
Саборскиот Одбор за одбрана на затворена седница ги одобри барањата за набавка во областа на опремување и модернизација за потребите на Вооружените сили на Хрватска, јави ХРТ.
Саборскиот Одбор за одбрана на затворена седница ги одобри барањата за набавка во областа на опремување и модернизација за потребите на Вооружените сили на Хрватска, јави ХРТ.
Станува збор за четири големи набавки – систем за противдронска заштита, 420 теренски камиони, 18 самоодни хаубици и 44 тенкови „Леопард“. Вкупната вредност на набавките, што ќе бидат покренати до крајот на оваа година, изнесува 1,945 милијарди евра.
Сè освен системот за противдронска заштита ќе се финансира од заеми од европскиот финансиски инструмент SAFE. Последната испорака се очекува до 2030 година.
Потпретседателот на Владата и министер за одбрана Иван Анушиќ рече дека со ова се надминуваат два отсто од БДП издвојувања за одбраната.
– Со набавките и со ова потпишување на договорите и со овој почеток на набавката се креваме на многу повеќе од 2 отсто и продолжуваме да ги развиваме целите на способностите врз основа на нашиот детален план за развој и стратегија и врз основа на нашата обврска што ја дадовме во рамките на НАТО, рече Анушиќ.
Како што соопшти Министерството за одбрана, во проектите за набавка се вклучени компании и партнери од Хрватска. Меѓу нив се „Кончар“ и „Ѓуро Ѓаковиќ“, а отворена е можноста за учество и на други хрватски производители. Со тоа, велат, се поттикнува развојот на домашната одбранбена индустрија и се зајакнува способноста на Хрватската војска и нејзината интероперабилност со НАТО.
Систем за противдронска заштита
Вредност: 125 милиони евра (без ДДВ)
Министерството за одбрана ќе склучи Рамковен договор со компанијата „Кончар д.д.“ за опремување на Хрватската војска со систем за противдронска заштита со повеќегодишно финансирање од 2026 до 2029 година. Набавката, вредна 125 милиони евра без ДДВ, опфаќа два стационарни системи за заштита на воената критична инфраструктура и два мобилни системи.
Во првата фаза, која се планира до средината на 2027 година, се предвидува опремување со системи за следење, попречување и пресретнување на дронови што ќе бидат интегрирани во единствен систем за командување и надзор. Системот ќе биде отпорен на кибер закани и потпомогнат од вештачка интелигенција. Втората фаза од проектот е насочена кон опремување со мобилни системи вооружени со топ калибар 30 мм поврзани во заеднички систем.
Компанијата „Кончар“ ќе биде системски интегратор и производител на дел од опремата на полската компанија „Advanced Protection Systems“ (APS), со што ќе се овозможи пренос на знаење и дел од производството на системот SKYctrl во Хрватска.
Дополнителна предност, како што пренесува ХРТ, претставува можноста за вклучување и на други хрватски компании во овој проект, што придонесува за зајакнување на хрватската одбранбена индустрија и намалување на зависноста од странски добавувачи.
Самоодни хаубици CAESAR 155 MM MK2
Вредност: околу 320 милиони евра | Рок на испорака: 2029 година
Заедничката набавка на 18 самоодни хаубици „Caesar 6 x 6 MK2“ се спроведува преку Француската агенција за вооружување (DGA) заедно со Естонија, Бугарија, Португалија и Словенија. Набавката е поделена на два пакета што сочинуваат единствена постапка на опремување.
Основниот пакет се состои од 18 самоодни хаубици „Caesar“, додека дополнителниот пакет се состои од средства за набљудување и аквизиција на цели, системи за управување со оган, врски и пренос на информации, возила за врска, оклопни возила и товарно-теренски возила за превоз на борбени комплети муниција. Планирано е потпишувањето на договорите за двата пакета да се изврши истовремено, а парите ќе се обезбедат од ЕУ инструментот SAFE. Рокот на испорака е 2029 година, а вредноста на набавката околу 320 милиони евра.
Тенкови „Леопард 2А8“
Вредност: околу 1,3 милијарди евра | Испорака: 2028 – 2030 година
До крајот на годината ќе се потпише договор за набавка на 44 најсовремени тенкови „Леопард 2А8“, а испораката на тенковите во Хрватска се очекува од 2028 до 2030 година. Во 2028 година ќе бидат испорачани првите тенкови, а до 2030 година сите „Леопарди 2А8“. Покрај тенковите, договорот опфаќа три симулатори, резервни делови и логистичка поддршка. Парите ќе се обезбедат од ЕУ инструментот SAFE. Владата на Република Хрватска донесе одлука за подготвителни работи за набавка на нови најсовремени тенкови „Леопард 2А8“ во ноември 2024 година. Вредноста на набавката е околу 1,3 милијарди евра.
Тешки теренски камиони TATRA T-815-7
Вредност: околу 200 милиони евра | Рок на испорака: 2026 – 2030 година
Заедничката набавка на 420 тешки теренски камиони „TATRA T-815-7“ со погон 6 x 6 и 8 x 8 ќе се спроведе со потпишување на Рамковен договор, кој веќе го потпишаа Министерството за одбрана на Чешката Република, Министерството за одбрана на Словачка и „Tatra Defence Systems“. Парите ќе се обезбедат од ЕУ инструментот SAFE, а Рамковниот договор ќе се потпише до крајот на годината.
Потпишувањето на Рамковниот договор ќе овозможи и потпишување на договор меѓу компанијата „Ѓуро Ѓаковиќ Специјални возила д.д.“ и „Tatra Defence Systems“, според кој завршното склопување на камионите и нивното одржување ќе се врши во Хрватска. Камионите „Татра“ ги исполнуваат сите НАТО-стандарди за балистичка и противминска заштита, а ги поседуваат 21 членка на НАТО. Вредноста на набавката е околу 200 милиони евра, а рокот на испорака е од 2026 до 2030 година.
 
						