Хрватската влада поддржува решение за две држави по планот на Франција да ја признае Палестина

Единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е создавање две држави, соопшти денеска хрватската влада. Соопштението доаѓа откако Франција ја објави својата намера да ја признае државата Палестина.

Единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е создавање две држави, соопшти денеска хрватската влада. Соопштението доаѓа откако Франција ја објави својата намера да ја признае државата Палестина. Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа објави дека Франција планира да ја признае државата Палестина на Генералното собрание на ОН во септември.

Во соопштението на хрватската влада не е прецизирано дали Хрватска ќе го стори тоа, откако Шпанија, Ирска, Норвешка и Словенија ја признаа државата Палестина лани, а Малта објави дека ќе го стори тоа оваа година.

Хрватската влада нагласи дека внимателно ги следи сите вакви меѓународни иницијативи, вклучително и одлуката објавена од Макрон, и слични активности на други европски земји. Таа забележа дека потребата од решавање на конфликтот станува сè поитна и е важно прашање во меѓународните односи.

„Веруваме дека единственото одржливо решение за израелско-палестинскиот конфликт е она што вклучува создавање на две држави – Израел и Палестина, кои ќе живеат една до друга во мир, безбедност и меѓусебно признавање. Таквото решение мора да дојде преку дијалог, преговори и силна меѓународна поддршка“, се вели во соопштението на хрватската влада, нагласувајќи дека признавањето на државата Палестина е фундаментално политичко прашање и повикувајќи ја ЕУ да заземе координиран став.

Во соопштението, исто така, се потврдува јасната и доследна поддршка на Хрватска за праведен и траен мир на Блискиот Исток, нагласувајќи дека цивилните жртви во Газа се неприфатливи и дека хуманитарната помош мора да стигне до сите погодени цивили, особено жените и децата.