Хоук: Продолженото присуство на Ѓоковиќ во Австралија може да доведе до зголемување на антиваксерските чувства
„Верувам дека продолженото присуство на Новак Ѓоковиќ во Австралија може да доведе до зголемување на антиваксерските чувства во австралиското општество, што може да доведе до јавно незадоволство, како што беше забележано во протестите, што самите се извор за ширење на вирусот“. Ова се наведува во ставот на австралсикиот министер за имиграција, Алекс Хоук, кој вчера одлучи по вторпат да му ја укине визата на српскиот тенисер. Хоук детално ја објасни мотивацијата за ваквата своја повторена одлука.
„Господин Ѓоковиќ е личност со статус и влијание. Со оглед на неговото однесување по позитивниот тест за Ковид-19 и неговите јавни изјави, како и неговиот невакциниран статус, верувам дека неговото натамошно присуство во Австралија може да ги охрабри другите луѓе да ги игнорираат насоките и политиките за јавно здравје на земјата“, рече Хоук во изјавата.
Министерот додава дека е можно одземањето на визата на Ѓоковиќ да влијае врз идната желба на Србинот да влезе во земјата за да учествува на турнири. Според законот, на Ѓоковиќ може да му биде забранет влез во Австралија во следните три години.
Адвокатскиот тим на Ѓоковиќ пак смета дека Хоук применил „нелогичен, ирационален и неоправдан“ пристап кон интересот на јавното здравје.