Инспекција го запечатила хотелот „Лоза“ во Будва каде беа затруени 96 лица, бидејќи, според директорката на Управата за инспекциски работи на Црна Гора хотелот нема дозвола за работа. За инцидентот било известено Основното обвинителство во Котор како и Центарот за безбедност во Будва.
Црногорските медиуми јавуваат дека ова е осми пат во изминатите три месеци туристичката инспекција да го пломбира хотелот, а седми пат да се отстрани пломбата од сопствениците на хотелот, поради што инспекцијата го пријавила случајот во Обвинителство.
Во овој хотел биле сместени туристи кои беа затруени со храна, но се уште не е утврдено како и каде дошло до труењето.
По пријавувањето на труењето, Управата за безбедност на храна, ветеринарни и фитосанитарни работи земале мостри од храната од ресторанот „Лоза“ и забраниле нејзино послужување.
По инцидентот, вчера, управата на хотелот соопштила дека гостите не се затруле од храната што ја јаделе во ресторанот на хотелот, туку дека вчера биле на патување во Бока, каде што ручале.
„Доколку гостите беа отруени во нашиот ресторан, тогаш и другите гости на хотелот ќе ги имаа истите симптоми. Се отруле само оние кои биле на екскурзија“ – тврдат од хотелот.
Претседателот на општина Будва, Мило Божовиќ и општинската администрација изјавија дека им стојат на располагање на туристите кои имаат здравствени проблеми и доколку има потреба ќе им обезбедат сместување, превоз и медицинска нега.